Младите со свои идеи за подобра општина – иницијативи што отвораат простор за промени!

  • Почетна
  • Новости
  • Младите со свои идеи за подобра општина – иницијативи што отвораат простор за промени!

Организацијата на жените на општина Свети Николе на 25 ноември 2026 година, реализираше работна средба со советниците при Советот на Општина Свети Николе, на која млади девојки, дел од проектите на ОЖОСВН, ги презентираа своите идеи, предлози и иницијативи за подобрување на можностите и условите за младите во локалната заедница.

Средбата беше посветена на директен дијалог меѓу девојките и локалните донесувачи на одлуки, со цел гласот на младите да стане дел од процесите на планирање и креирање на локалните политики, особено во рамките на Програмата за спорт и млади на Општина Свети Николе, но и другите програми кои се во интерес на младите.

Присутните советници имаа можност да се запознаат со резултатите од онлајн кампањата, преку која младите ги споделија своите потреби, ставови и идеи, преточени во четири конкретни младински иницијативи:

· „Да ги претвориме ѕидовите во уметност!“ – создавање легални површини за графити и мурали, каде младите ќе можат слободно да ја изразуваат својата креативност.

· „Дали заборавивме како изгледа светот без телефони?“ – повеќе културни, забавни и креативни содржини за младите креирани од млади во текот на целата година.

· „Биди своја!“ – простор за девојки и млади, креативност и меѓусебна поддршка = обезбедување младински простор за дружење, личен развој, креативност, едукација и меѓусебна поддршка.

· „Вежбај на отворено!“ – поставување бесплатни фитнес-справи во градскиот парк, достапни за сите граѓани.

Иницијативите беа одлично прифатени од присутните советници, кои покажаа интерес за презентираните идеи и потребите на младите. Следеше отворена и конструктивна дискусија за можностите за нивна реализација, поддршката што може да ја обезбеди Општината и начините за поголемо вклучување на младите во локалните процеси на одлучување.

Особено значајно беше што младите не настапија само со проблеми и барања, туку со конкретни, креативни и остварливи решенија, подготвени активно да учествуваат во нивното спроведување.

Оваа средба уште еднаш покажа дека младите имаат што да кажат, имаат идеи и подготвеност да придонесат за развојот на својата заедница. Потребно е да им се дадат можности нивниот глас да биде слушнат, вреднуван и преточен во конкретни активности и локални политики.

Благодарност до сите советници за присуството, отвореноста и конструктивниот пристап, како и до девојките кои со својата храброст, креативност и ангажман покажаа дека промените започнуваат токму од нив.

Активноста се реализира во синергија на проектите „Не чекаме промени – ги создаваме“ поддршан од Акција Здруженска преку German Women’s Fund filia die frauenstiftung и „Чекориме од зајакнување кон промена“ финансиски подржан од Фондацијата Квина тил Квина и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен