Дводневен тренинг „Не чекаме промени – ги создаваме”

Во периодот од 24 до 26 август 2026 година во Охрид, во рамки на проектот „Не чекаме промени – ги создаваме“, се реализираше дводневна интерактивна обука која обедини учеснички од Свети Николе на возраст од 15 до 18 години, во процес на учење, споделување, личен развој и меѓусебна поддршка.

На оваа обука, преку различни интерактивни методи, практични вежби, дискусии и активности, учесничките имаа можност подлабоко да размислуваат за својот идентитет, односот кон себе, влијанието на родовите улоги и стереотипи, препознавањето и поставувањето лични граници, како и важноста на асертивната комуникација и користењето на сопствениот глас.

Посебен акцент беше ставен на градењето здрави односи, меѓусебната поддршка и менторството, но и на тоа како една идеја, став или лична иницијатива може да прерасне во конкретна промена во заедницата.

Обуката беше исполнета со многу енергија, активно учество и отворени разговори. Учесничките активно се вклучуваа во сите сесии, споделуваа лични размислувања и искуства, работеа заедно и даваа вреден фидбек за целиот процес.

Особено нè радува позитивниот впечаток и задоволството на учесничките, кои истакнаа дека обуката им овозможила не само да стекнат нови знаења и вештини, туку и подобро да се запознаат себеси, да ги слушнат другите и да почувствуваат дека нивниот глас има вредност и моќ.

Веруваме дека промените започнуваат токму од ваквите простори – каде младите имаат можност да учат, да прашуваат, да се охрабрат и да препознаат дека не мора да чекаат некој друг да направи промена.

Затоа што не чекаме промени – ги создаваме!

Оваа активност е реализирана од Организација на жените на општина Свети Николе (ОЖОСВН) во рамки на проектот „Не чекаме промени – ги создаваме”, кој е финансиран од Здружението за унапредување на родовата еднаквост – Акција Здруженска а поддржан од filia.die frauenstiftung. Содржината на овој материјал е единствена одговорност на ОЖОСВН и во никој случај не ги одразува ставовите на Акција Здруженска и filia.die frauenstiftung.

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен