На 14 октомври 2026 година во салата на ООУ „Свети Кирил и Методиј“ се одржа работилницата на тема „Вежби за релаксирање на горните и долните екстремитети“. Работилницата ја водеше лиценцираната физиотерапевтка Марија Таушанова Стефанова.
Целта на работилницата беше да се подигне свеста за значењето на секојдневната физичка активност и правилното движење на телото, со посебен акцент на зајакнувањето на мускулатурата и одржувањето на функционалноста на телото.
Преку соодветни вежби и практични совети, учесничките имаа можност да се запознаат со важноста на зајакнувањето на мускулатурата на градниот кош, која обезбедува поддршка за правилно држење на телото. Посебно внимание беше посветено и на мускулатурата на целото тело, како и на зајакнувањето на мускулите на рацете, кои по оперативни зафати можат да ослабнат поради намалената физичка активност.
Редовното практикување соодветни вежби придонесува за подобрување на мускулната сила, одржување на подвижноста, правилно држење на телото и подобра физичка функционалност. Работилницата имаше за цел да ги поттикне жените да посветуваат поголемо внимание на сопственото здравје и да ја вклучат физичката активност во своето секојдневие.
Оваа активност е дел од проектот „Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка – 2026“, кој е финансиски поддржан од Локалната самоуправа на Општина Свети Николе.
Со ваквите активности се продолжува со подигнување на свеста за превенцијата, грижата за здравјето и важноста на физичката активност како дел од здравите животни навики.


