Како ќе препознаете вистински љубезна личност?

Вистински “големите” луѓе прават во нивна близина да се чувствуваме големо

Кај некои луѓе едноставно чувствувате дека имаат човечност и топлина во себе. Ги среќавате и за неколку минути се чувствувате опуштено – како да разговарате со стар пријател.

Што е тоа кај другиот што го прави некој веднаш да ни стане вистински драг, љубезен и пријатен по дури и после само пет минути познавање? Вистина е дека љубезноста не е само во кажувањето љубезни работи. Треба да се додадат малите детали – начинот на кој тие луѓе ги слушаат другите, енергијата што ја носат и како другите се чувствуваат во нивно присуство.

И ако знаете кои се знаците, можете речиси веднаш да забележите навистина љубезна личност.

Прават да се чувствувате видено

Дали некогаш сте сретнале некој што ве натерал да се чувствувате како најважната личност во просторијата, дури и ако штотуку сте го запознале? Тоа е знак на вистинска љубезност. Вистински фините луѓе имаат начин да ги натераат другите да се чувствуваат вреднувани. Тие слушаат со искрен интерес, а не чекаат да стигнат на ред да зборуваат. Тие воспоставуваат контакт со очите, го потврдуваат она што го кажувате и одговараат на начин што покажува дека им е грижа и значајно она што го зборувате.

Не станува збор за големите гестови, туку за малите нешта. Топла насмевка, внимателно прашање, па дури и фактот дека го паметат вашето име откако го слушнале само еднаш.

Кога некој ве прави да се чувствувате видени и слушнати веднаш, веројатно има навистина искрено, љубезно срце.

Се трудат да бидат внимателни кон другите

Навистина љубезните и внимателни луѓе ги забележуваат малите начини на кои можат да му го олеснат животот некому и реагираат, односно помагаат, без притоа да креваат голема врева околу тоа.

Љубезноста не се состои од грандиозни гестови или претерани комплименти. Таа се гледа во оние мали, внимателни моменти што покажуваат дека некој е навистина внимателен и сочувствителен по природа.

 

Jа одразуваат вашата топлина

Љубезните луѓе умеат да ја направат комуникацијата лесна и пријатна. Еден од начините на кои го постигнуваат тоа е преку таканареченото „одразување“ (mirroring), односно имитирање на соговорникот – што значи суптилно усогласување со вашата енергија, тонот, па дури и говорот на телото, со цел да се создаде чувство на поврзаност.

И тоа не е манипулација, туку е нешто што природно го правиме кога се чувствуваме пријатно во нечие друштво. Вистински љубезните луѓе го прават тоа без напор, бидејќи искрено сакаат другите да се чувствуваат опуштено.

Ако се насмевнете, тие возвраќаат со насмевка. Ако зборувате тивко, нема да ве надгласат со силен тон. Без воопшто да размислуваат за тоа, тие создаваат простор во кој се чувствувате разбрано и добредојдено.

Ги прават разговорите лесни

Некои луѓе можат да го претворат разговорот во  тешка обврска. Навистина љубезните луѓе го прават спротивното – тие создаваат природен тек што е пријатен и лежерен. Не зборуваат само за себе и не доминираат во разговорот. Наместо тоа, поставуваат промислени прашања, покажуваат искрен интерес за вашите одговори и наоѓаат заеднички теми без да наметнуваат ништо.

Што е уште поважно, тие никогаш не прават да се чувствувате непријатно или исклучено. Без разлика дали станува збор за безопасна шега, топло климнување со главата за охрабрување или едноставно давање простор да зборувате, тие прават интеракцијата да биде интересна, а не исцрпувачка.

Тие прават љубезноста да изгледа природно.

За некои луѓе, љубезноста е напор, нешто што го прават бидејќи чувствуваат дека треба. Но, за навистина добрите луѓе, тоа е едноставно дел од нивната природа. За нив, тоа не е принуда или глума. Тоа е природно за нив, без очекување на нешто за возврат.

Тие не им помагаат на другите за да бидат забележани. Не кажуваат убави зборови само за да им се допаднат на другите. Нивната љубезност не е селективна ниту резервирана само за одредени луѓе – тие едноставно зрачат со живост. И тоа можете да го почувствувате.

Постои одредено чувство на сигурност и удобност кога сте во друштво на некој чија љубезност не е само за пред луѓе. Тоа ве потсетува дека љубезноста, кога е искрена и вистинска, не мора да биде гласна или драматична – потребно е само да биде доследна.

 

Прават да  чувствувате  дека припаѓате

 

Нема ништо полошо од тоа да се чувствуваш како  аутсајдер, изолирано, невклучено или неупатено во одредена сфера, странец во некој разговор. Но, љубезните луѓе знаат како да постапат за никој да не се чувствува така. Тие забележуваат кога некој молчи и нежно го вклучуваат во разговорот. Ве претставуваат пред другите на начин што ве прави да се чувствувате вклучени, а не како некој за кого се сетиле во последен момент. Тие не разговараат само со луѓето што веќе ги познаваат, туку оставаат простор за сите.

А таа мала работа може да значи сè. Понекогаш е доволно само еден човек да се потруди да ве вклучи и да направи непознатото место да се чувствува малку повеќе како дома.

 

Тие покажуваат вреднување, а не само љубезност

 

Секој може да каже „благодарам“ од навика, но навистина љубезните луѓе одат чекор понатаму. Тие не користат само љубезни зборови, туку прават другите да се чувствуваат навистина вреднувано.

Без разлика дали станува збор за искрен комплимент, внимателно признание или едноставно препознавање на вложениот труд, тие јасно ставаат до знаење дека ги забележуваат и ценат другите. И не го прават така само кога од нив се очекува, туку го прават бидејќи навистина така мислат.

Тоа е мала, но моќна разлика. Учтивоста ги следи општествените норми, но вистинското вреднување прави луѓето да се чувствуваат важни на начин што никогаш нема да го заборават.

 

Пријателски се настроени дури и кога никој не гледа.

 

Вистинскиот тест за љубезноста на еден човек не е како се однесува кон оние што можат да му понудат нешто, туку како се однесува кон оние што не можат.

Навистина добрите и љубезни луѓе не го менуваат своето однесување во зависност од тоа кој е околу нив. Тие се исто толку љубезни кон непознат човек колку и кон пријател; го почитуваат келнерот исто колку и шефот. Тие не покажуваат љубезност за да добијат одобрување. Тие ја живеат таа љубезност, такви се постојано, бидејќи таква е нивната природа.

Кога некој е навистина мил и љубезен, неговата топлина создава атмосфера во која другите се чувствуваат безбедно, ценето и опуштено. Токму затоа вистинската, искрена љубезност толку брзо се забележува. Не станува збор само за постапки, туку за самото присуство на љубезноста кое е прекрасно.

Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка

Оваа активност е дел од проектот „Чекориме од зајакнување кон промена“ финансиски поддржан од The Kvinna Till Kvinna Foundation и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен