Третман на лимфeдема на екстремитетите

На 21 Јануари 2025 година со почеток во 17.00 часот ОЖОСВН ја реализираше трибината „Третман на лимфедема на екстремитетите“. Оваа трибина беше организирана во соработка со тимот од Центарот за грижа и нега на тело „Медикус Плус“, а на истата свое излагање имаа др.Сашо Цветановски дипломиран физиотерапевт од центарот Медикус плус и г-а Жаклина Јовановска од Медикус хелп.

Целта на оваа работилница беше да се научи повеќе за лимфедемот, каде најчесто се појавува и како да се третира.

Лимфедемата е видлив и опиплив оток на дел од телото, кој настанува кога се нарушува нормалниот проток на лимфната течност. Лимфната течност игра важна улога во транспортот на лимфната плазма и лимфоцитите низ лимфниот систем и лимфните жлезди, кои функционираат како филтри и станици за прочистување на лимфата.

Ако овој транспорт на лимфата биде нарушен, течноста се акумулира пред лимфниот јазол, што доведува до развој на лимфедема. Лимфедемата е стагнација на течност која содржи протеини, што предизвикува оток и ја прави погодената област да изгледа надуено.

Најчесто, лимфедемата ги зафаќа рацете и нозете, но може да се појави и на други делови од телото, како што се главата, вратот, торзото и гениталиите.

После презентацијата беа објаснети причините за настанување на лимфедема, како и симптомите и знаците кои укажуваат на нејзино појавување. Беше дадена информација за начинот на дијагностицирање на состојбата, можните компликации што може да се појават, како и опциите за третман и терапија.

Присутните имаа можност да научат некои вежби кои се корисни за третман на лимфедема и добија конкретни препораки за како да се справат со болеста. Им беа прикажани различни помагала, како што се компресивни чорапи, ракавици, подлактици и завои, кои им помагаат на заболените да го контролираат отокот и да го подобрат својот животен квалитет.

Оваа активност е дел од проектот „Заедно да превениреме и се бориме против ракот на дојка-2025“ финансиски поддржан од Локална самоуправа на општина Свети Николе.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен