Jавна дискусија за управување со човечки ресурси и анализа на потребите од квалификувана работна сила во општина Свети Николе

  • Почетна
  • Новости
  • Jавна дискусија за управување со човечки ресурси и анализа на потребите од квалификувана работна сила во општина Свети Николе

На 25 ноември 2024 година, во ресторанот Билазора во Свети Николе, се одржа јавна дискусија во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“. Проектот е во реализација на Младинскиот културен центар од Битола, а настанот го организираа Организација на жените на општина Свети Николе и Општина Свети Николе.

Настанот имаше за цел да се зајакне свеста за улогата и значењето на Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) во Свети Николе, да се анализира состојбата со локалните човечки ресурси и нивната квалификација, како и да се иницира дијалог помеѓу различни локални чинители за подобрување на состојбите на пазарот на трудот.

На настанот присуствуваа 31 учесник, меѓу кои претставници од ЛЕСС, бизнис секторот, локални образовни институции, невработени лица, млади, ученици од средното училиште и претставници од граѓанскиот сектор.

На почетокот, фасилитаторката Даница Арсовска ги воведе присутните во темата и ја претстави агендата. Потоа Ивана Димитрова од ЛЕСС-Свети Николе го презентираше историјатот, активностите и предизвиците на советот. Во текот на дискусијата беа истакнати клучните проблеми, но беа понудени и конкретни препораки, како што се: Мотивацијата за работа и потреба од финансиски стабилни опции за младите и подобрување на практичната обука; Практична обука и подобра соработка помеѓу компаниите и училиштата, со примери на недостатоци во дуалното образование; Пазарот на труд и големиот недостиг на квалификувана работна сила од една страна, а големиот број работоспособни луѓе кои примаат социјална помош и работат на „црно“ од друга страна.

Клучни препораки кои произлегоа од дискусиите беа: Да се субвенционираат праксите преку даночни олеснувања за компаниите; Да се организираат редовни состаноци меѓу училиштата, компаниите и учениците за подобрување на дуалното образование; Да се поттикнат активни политики за ангажирање на невработените лица способни за работа.

Како генерален впечаток од настанот може да се заклучи дека самиот настан ја потврди важноста на активната улога на ЛЕСС за унапредување на локалната економија и социјалниот дијалог. Присутните изразија подготвеност за заедничка работа и иницирање конкретни активности што ќе ја подобрат економско-социјалната состојба во општината. Сите се согласија дека на локално ниво треба почесто да се организираат вакви средби, каде различни локални и релевантни чинители ќе разговараат отворено на теми од нивен интерес, а со цел заедничко делување и подобрување на целокупната состојба на жителите на општината, преку креирање на можности за позитивни промени.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен