Евалуација на програмските активности од здравствената програма за тековната година и предлог активности за 2025 година

  • Почетна
  • Новости
  • Евалуација на програмските активности од здравствената програма за тековната година и предлог активности за 2025 година

На 26 декември 2024 година, со почеток во 15:30 часот, се одржа успешна работилница за евалуација на работата на групата за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни болести за 2024 година, на која присуствуваа 23 жени. Работилницата ја водеше претседателката на ОЖОСВН, Даниела Панева.

Првиот дел од работилницата беше посветен на анализа на сите реализирани активности во рамки на проектот за поддршка на работата на оваа група, а финансиран од Локалната самоуправа на Општина Свети Николе за 2024 година. Исто така, во овој дел беше разговарано и за другите активности од Здравствената програма кои беа реализирани во 2024 година, а кои побудија особен интерес кај целните групи и општата популација како што беа отворениот настан за здрави животни навики одржан на 26 октомври.

Во продолжение, беше презентирана Здравствената програма на ОЖОСВН за 2025 година, како и активностите во проектот одобрен од општина Свети Николе за 2025 година, а за поддршка на групата за самопомош. Се нагласи дека поради ограничени финансиски ресурси можеби нема да се реализираат сите активности предвидени за идната година, но дека секако ќе се потрудиме да реализираме поголем дел од нив, но и заеднички да обезбедиме ресурси и за сите планирани активности.

Во третиот дел на работилницата, жените беа поттикнати да ги изнесат своите мислења и предлози за идни работилници, настани, активности и притоа беа споделени размислувања и идеи кои би можеле да се реализираат наредната година и каде би се вклучиле повеќе и самите членки на групата за самопомош, како што беа претходно хуманитарните базари.

Жените присутни на работилницата беа задоволни од можноста директно да ги изразат своите идеи и предлози, а со тоа и да помогнат во планирањето на идните активности кои ќе придонесат за нивно подобро здравје и благосостојба. Оваа активност е дел од проектот „Здрави животни навики – благосостојба на умот и телото“, финансиски поддржано од Француска амбасада – Скопје.

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен