Работилница „Лични граници“

Работилница „Лични граници“

На 24 февруари 2026 година, Организацијата на жени на општина Свети Николе реализираше работилница на тема „Лични граници“ со групата за самопомош – жени заболени и лекувани од карцином на дојка и матка.

На настанот присуствуваа 15 жени, а работилницата ја водеше д-р Гордана Митева, специјалист по семејна медицина. Настанот го отвори координаторката на проектот, која ги поздрави присутните и ја истакна важноста на психосоцијалната поддршка и јакнењето на личните капацитети кај жените кои поминуваат низ вакви животни предизвици.

Преку интерактивна дискусија, учесничките најпрво размислуваа на прашањето „Што се лични граници?“, по што едукаторката појасни дека личните граници претставуваат емоционални, физички и психолошки бариери кои ни помагаат да ја заштитиме сопствената индивидуалност и да изградиме здрави односи. Беа обработени трите типа граници – емоционални, физички и психолошки – како и нивното значење во секојдневната комуникација.

Дополнително, се разговараше за способноста да се каже „НЕ“, да се прифати „НЕ“ од другите, како и за важноста на меѓусебното почитување. Беше отворена и тема за влијанието на родителските стилови врз формирањето на границите во раното детство, што поттикна жива и искрена дискусија со примери од личното искуство на присутните.

Целта на работилницата беше да се зајакне свесноста дека поставувањето лични граници е чин на самопочит и грижа за себе. Преку ваквите активности се поттикнува емоционалната благосостојба, самодовербата и личниот раст, како и градењето односи засновани на доверба, почит и отворена комуникација.

Оваа активност е дел од проектот “ Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка-2026“. Финансиски подржан од Локална самоуправа на општина Свети Николе.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен