Вежби за релаксирање на горни и долни екстремитети

На 15 април 2026 година, Организација на жени на општина Свети Николе организираше работилница со групата за самопомош, составена од жени кои се соочиле и се лекувале од карцином на дојка и матка.
Средбата се одржа во салата „Цар Самоил“ во Свети Николе, каде десет жени имаа можност активно да се вклучат и да научат нешто ново и корисно за своето здравје.
Работилницата беше посветена на практични вежби за опуштање и раздвижување на телото, а со учесничките работеше физиотерапевтката Марија Таушанова Стеванова.
На самиот почеток, координаторката на проектот Билјана Димова ги поздрави присутните и накратко ја истакна важноста од вакви средби и меѓусебната поддршка.
Преку лесни и прилагодени вежби, жените работеа на подобрување на подвижноста, намалување на напнатоста и болката, како и на подобро држење на телото. Се обрна внимание и на вежби кои помагаат во спречување на појава на лимфедем и придонесуваат за полесно дишење и поголема слобода во движењето.
Не изостанаа ниту смеата ниту чувството на заедништво. Учесничките покажаа голем интерес и подготвеност ваквите активности да станат почести.
Главната порака од оваа работилница е дека редовното движење и грижата за сопственото тело играат важна улога во закрепнувањето и во подобрување на квалитетот на животот.
Работилницата е дел од проектот „Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка – 2026“, кој се реализира со поддршка од Локална самоуправа на општина Свети Николе.
   

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен