На 20.04.2026 година, во село Мустафино, се одржа работилница посветена на темата „Остеоартритис“, организирана од Организацијата на жените на општина Свети Николе.
Работилницата беше отворена од страна на локалната координаторка, која ги поздрави присутните жени и го презентираше значењето на работилницата и целта на активностите во рамките на проектот.
Како прво прашање, беше поставено „Што е остеоартритис?“, а многу од присутните го поврзаа со остеопороза. Доктор Гордана Митева, која беше едукатор на работилницата, ја објасни разликата помеѓу овие две состојби и ги даде основните информации за остеоартритисот. Ова заболување се карактеризира со деградација на ‘рскавицата на зглобовите, што води до болка и вкочанетост, а најчесто се јавува кај луѓето на средна и постара возраст.
Едукаторката истакна неколку важни причини за појавата на остеоартритис, како што се:
● Возраст – најчесто се појавува кај повозрасните лица, но може да се јави и кај помладите поради повреди.
● Тежина – прекумерната телесна тежина создава дополнителен стрес на зглобовите.
● Спортски повреди – чести повреди на лигаментите или дислокации може да доведат до развој на остеоартритис.
● Генетска предиспозиција – ако во семејството постојат случаи на остеоартритис, ризикот е поголем.
● Професионални причини – работни активности кои вклучуваат физичко оптоварување на зглобовите.
Присутните жени имаа можност да научат како да го препознаат остеоартритисот, а доктор Митева објасни и како се прави раната дијагноза преку физички прегледи, рентгенски снимки, магнетна резонанца и анализи на зглобна течност.
Иако остеоартритисот не може да се излекува, работилницата посочи на различни методи за справување со болката и подобрување на квалитетот на животот, вклучувајќи:
● Лекови
● Вежби
● Работна терапија
● Топли и ладни облоги
● Храна богата со витамини и масни киселини
● Помошни уреди како стапови
Целта на оваа работилница беше да се посочи како остеоартритисот може да го наруши квалитетот на животот, но и да се дадат насоки за управување со оваа состојба за да се продолжи со активен и здрав живот.
Овие активности продолжуваат и понатаму, а ќе бидат опфатени и други рурално средини. За нас е особено важно да продолжиме да ги едуцираме жените и девојките за важни здравствени теми.
Оваа работилница е дел од проектот „Заедно да превениреме и се бориме против ракот на дојка – 2026“, кој е финансиски поддржан од Локалната самоуправа на општина Свети Николе.




