На 14 јули 2026 година, на амфитеатарот во дворот на ООУ„Кирил и Методиј“ Свети Николе, Организација на жените на општина Свети Николе реализираше работилница „Болки во вратот и ‘рбетот кои се шират во рацете и нозете“, наменета за членките на групата за самопомош – жени заболени и лекувани од карцином на дојка и матка.
Активноста е дел од проектот “ Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка-2026“. Финансиски подржан од Локална самоуправа на општина Свети Николе.
Работилницата ја водеше Гордана Митева – примариус специјалист доктор по семејна медицина.
Целта на работилницата беше учесничките да ги осознаат најчестите причини за ова заболување со кое голем дел од популацијата се соочува, симптомоте, дијагностичките методи , како изгледа третманот и пред се превенцијата.
Болки во вратот се меѓу најчестите проблеми во секојдневието. Сè повеќе луѓе, особено оние што работат во канцеларија или користат дигитални уреди, искусуваат затегнатост, непријатност или вистинска болка во овој дел. Иако најчесто причината е „банална”, како лоша поза или мускулна напнатост, понекогаш болката може да укаже и на посериозни нарушувања – од дискус хернија до компресија на нерв“.
Болката во грбот претставува аларм што укажува на одредено нарушување или патолошка состојба и е една од најчестите причини за пациентот да посети лекар. Кај секој пациент, таа е индивидуална и се разликува според интензитетот, времетраењето и периодот од денот кога се јавува. Болките во грбот може да потекнуваат од различни структури во ‘рбетниот столб: мускулите, тетивите, лигаментите, зглобовите, коските, интервертебралните дискови или нервните структури.
Преку ваквите едукативни и практични средби, Организација на жените на општина Свети Николе продолжува да придонесува кон подигнување на свеста за значењето на физичката активност како важен сегмент од закрепнувањето, превенцијата на компликации и одржувањето на целокупното здравје и благосостојба.


