Информирајте се: ШТО е психо-социјална поддршка и зошто е потребна

  • Почетна
  • Новости
  • Информирајте се: ШТО е психо-социјална поддршка и зошто е потребна

۰Што е психо-социјална поддршка?

Психо-социјална поддршка претставува обезбедување на психолошки и социјални ресурси на лице кое има таква потреба, наменета во корист на неговата способност да се справи со проблемите со кои се соочува. Психо-социјалната поддршка помага да се зајакне отпорноста на стрес, ги оспособува луѓето да се повратат и закрепнат од криза, како и поефикасно да се носат со други критични случувања во животот. Исто така, тука е вклучена и секоја поддршка која што луѓето ја добиваат за да го заштитат или унапредат своето ментално здравје и психо-социјална благосостојба. На тој начин се превенираат и посериозни нарушувања, како на пример: депресија, анксиозност или посттрауматско стресно нарушување.

Терминот „психо-социјално“ се однесува на динамичен однос помеѓу психолошките и социјалните ефекти на ситуацијата. Овие две димензии се многу тесно поврзани:

Психолошки димензии: внатрешни, емоционални и мисловни процеси, чувства и реакции.

Социјални димензии: односи со луѓето и опкружувањето, семејни мрежи и мрежи во заедницата, социјални вредности и културни обичаи.

۰Која е целта на психо-социјалната поддршка?

Целта на психо-социјалната поддршка е, пред сè, добросостојбата на поединецот, семејството и заедницата и ублажување на влијанијата од одредена ситуација, олеснување на процесите на закрепнување и спречување или намалување на можните последици на психички план.

Целта е да се олесни продолжувањето на нормалниот живот, да се олесни моменталната состојба на лицето кое има таква потреба и да се спречат понатамошни последици од потенцијално трауматските ситуации.

 

۰За кого е наменета?

Психо-социјалната поддршка е наменета за сите луѓе кои се погодени од кризни ситуации (развод, семејно насилство, злоупотреба и др.), а не се во состојба самостојно да ја надминат ситуацијата која ја проценуваат како болна и стресна. Но, придобивка од психо-социјалната поддршка, исто така, може да добие и било која индивидуа која се чувствува неразбрано или неприфатено од средината или се соочува со некој друг проблем. Поконкретно, целта е да им се обезбеди безусловна помош и поддршка на лицата од маргинализирани заедници и во социјален ризик.

۰Кој ја пружа психо-социјалната поддршка?

Психо-социјална поддршка пружаат професионални лица, како на пример: психолог, психотерапевт, психијатар, социјален работник и др. професионалци од сродни професии, во зависност од лицата кои имаат потреба (дефектолози, доктори, наставници, негуватели итн.).

Разговорот со професионално лице надвор од нашето опкружување може да влијае кон позитивна промена и надминување на некоја конкретна ситуација. Барањето на професионална психо-социјална поддршка е нормална потреба, корисна за секого, а води до градење здрави личности со подобрен квалитет на живот во секој сегмент.

Организација на жените на општина Свети Николе во рамки на Канцеларијата за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка, нуди услуги за бесплатна психо-социјална поддршка за лица кои имаат потреба од разговор со психолог.

Можете да не’ најдете и контактирате на: 032/444-620 и womsvetinikole@gmail.com, или преку порака на социјалните медиуми.

 

Текстот го подготви Ружица Сотировска – психолог во Канцеларијата за БПП и ПСП.

Оваа активност е дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка“. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија

 

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен