Одржана работилница „Алергии“
На 04 мај 2026 година, со почеток во 17:30 часот, во големата општинска сала на локалната самоуправа во Свети Николе, Организацијата на жените на општина Свети Николе реализираше едукативна работилница на тема „Алергии“.
Работилницата беше наменета за групата за самопомош, составена од жени заболени и лекувани од карцином на дојка и матка, а на истата присуствуваа вкупно 16 учеснички.
Едукаторка и модераторка на настанот беше д-р Гордана Митева, специјалист по семејна медицина, која преку интерактивен пристап ги запозна присутните со основните поими поврзани со алергиите.
На почетокот од работилницата беше отворена дискусија за лични искуства со алергии, при што дел од присутните ги споделија своите симптоми и реакции. Потоа следуваше стручно излагање, во кое алергијата беше објаснета како претерана реакција на имунолошкиот систем на одредени супстанци (алергени).
Беа опфатени различни видови алергии, меѓу кои:
- алергии од домашна прашина (грини)
- полен (дрвја, треви, житарици)
- храна (млеко, јајца, риба, овошје, зеленчук, јаткасти плодови)
- хемикалии и козметика
- лекови
- убоди од инсекти
Дополнително, беа објаснети најчестите симптоми како што се чешање, осип, кивање, течење и затнат нос, алергиски конјунктивитис, како и потешкотии при дишење.
Посебен акцент беше ставен на дијагностичките методи (кожни тестови, крвни анализи) и на важноста терапијата да се одредува исклучиво од лекар.
Работилницата се одвиваше во интерактивна атмосфера со голем број прашања и активна дискусија, што придонесе за подлабоко разбирање на темата.
Главната цел на настанот беше да се подигне свеста дека иако алергиите често се безопасни, одредени реакции – особено на лекови и убоди од инсекти – можат да бидат сериозни и бараат навремена медицинска консултација. Учесничките беа поттикнати секогаш да се консултираат со лекар и да носат соодветна терапија доколку имаат дијагностицирана алергија.
Настанот беше дел од проектот „Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка – 2026“, финансиски поддржан од Општина Свети Николе.



