На 05.05. се одржа работилница на тема „Иницијативност и солидарност – моќ за промени“ во с. Горобинци, општина Свети Николе, која беше водена од консултантката за родова еднаквост, Гордана Несторовска.
Работилницата беше дизајнирана како интерактивна платформа за учесничките да се вклучат во жива дебата и отворена дискусија. Ова им овозможи на учесничките колективно да размислуваат за решенија, идеи и да извлечат заклучоци за тоа како можат да ја подобрат својата позиција во заедницата. Едукаторката им даде насоки и помош во изнаоѓање соодветни решенија за проблемите и приоритетните потреби на учесничките.
За време на работилницата беа споделени практични и позитивни примери за да им се помогне на учесничките да го разберат процесот на спроведување на иницијатива. Тие беа охрабрени да разговараат за различни теми, како што се граѓанска иницијатива, како да се состави и да се достави до релевантните чинители и како да се дејствува во рамките на нивната локална заедница. Се разговараше и за процесот на собирање петиција за важни прашања на заедницата, а беа излистани и проблеми кои самите жени ги истакнале пред две години, па се направи евалуација колку од нив веќе се решени во изминатиот период. На дел од работиницата присуствуваше и претседателот на месната заедница, кој со присутните учеснички го сподели процесот на доставување барања со потребите на жителите до општината и истакна дека е отворен за секого да сослуша и превземат заеднички иницијативи за било каква промена во нивната заедница
Генерално, може да се заклучи дека жените од руралните средини имаат потреба од едукација на различни теми и се надеваме дека ваквите работилници ќе бидат добра мотивација за да предизвикаат промена кај нив, а ОЖОСВН е тука за овие жени да им пружаме целосна поддршка кога е потребна.
Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени ја јакнат заедницата 2“ финансиски поддржан од Фондација Kvinna Till Kvinna, Шведска.