На 18 март 2026 година успешно се одржа конференцијата „Локален компас кон еднаквост: Интегрирање на родовиот концепт во локалните политики“, со што официјално се заокружи имплементацијата на проектот кој започна во август 2025 година.
Настанот обедини советници и претставници на локалната администрација од општините од Вардарскиот регион, како и претставници од Британската амбасада во Скопје и Kvinna till Kvinna Foundation, кои дадоа значаен придонес во поддршката и реализацијата на проектот.
Модераторка на настанот беше Марта Стефковска, додека конференцијата беше отворена од Тоби Ошилаја, раководител на програми во Британската амбасада, кој ја нагласи важноста од континуирана поддршка за иницијативи што придонесуваат кон поинклузивно и праведно општество. Во текот на настанот, свое излагање имаше и Јасмина Трајчева, координаторка на проектот.
Во рамки на конференцијата беа презентирани клучните резултати од проектот „Локален компас кон еднаквост“, чија главна цел беше зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи за системско интегрирање на родовата еднаквост во процесите на донесување одлуки, креирање политики и испорака на услуги.
Проектот започна со сеопфатно истражување, преку кое беа собрани податоци од осум општини. Наодите покажаа дека, иако постои формална усогласеност со законската рамка, родовата перспектива сè уште не е целосно системски интегрирана и често зависи од индивидуална иницијатива.
Дополнително, преку активноста „прошетка низ заедницата низ родови леќи“, беа слушнати искуствата на жените и девојките од Свети Николе, Велес, Неготино, Кавадарци и Демир Капија. Овие активности укажаа на конкретни предизвици поврзани со безбедноста, инфраструктурата и пристапноста во јавниот простор, особено во вечерните часови.
Во текот на проектот беа реализирани и низа обуки, консултативни средби и регионални тренинзи, насочени кон јакнење на капацитетите на советниците и локалната администрација. Овие активности придонесоа за зголемена свесност, интерес и подготвеност за примена на родово одговорни политики.
Еден од клучните резултати на проектот е изработката на Прирачник за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики – практична алатка наменета за анализа, планирање, буџетирање и креирање политики базирани на податоци. Прирачникот е развиен во соработка со локалните чинители, што ја зголемува неговата применливост и одржливост.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на која учествуваа Гордана Несторовска, експертка, Наташа Амдиу, членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, и Зоран Јаневски, В.Д. директор на Вардарски плански регион. Панелот отвори значајни теми поврзани со практичната примена на родовата перспектива во локалното управување, по што следеше конструктивна дискусија со прашања и одговори од присутните.
Проектот исто така придонесе за зајакнување на меѓуопштинската соработка, отворање дијалог помеѓу институциите и граѓанскиот сектор, како и поставување основа за поодржлив системски пристап кон родовата еднаквост.
Иако се постигнати значајни резултати, остануваат предизвици како што се недостигот на родово разделени податоци, нерамномерните капацитети меѓу општините и потребата од подобра поврзаност меѓу анализата, планирањето и буџетирањето.
Конференцијата испрати јасна порака – родовата еднаквост не е додаток, туку основа на добро управување. Со воспоставениот „локален компас“, општините имаат насока како да продолжат кон поинклузивни, транспарентни и праведни заедници.
Проектот е поддржан од Kvinna till Kvinna Foundation, а финансиран од UK International Development.




















