На 25 март 2026 година, со почеток во 17:15 часот, беше реализирана работилница со групата за самопомош, составена од жени заболени и лекувани од карцином на дојка и матка.
Работилницата, насловена „Сонот наш насушен“, се одржа во малата сала на општината со учество на 15 жени, а ја водеше психологот Емина Петкова. Во текот на настанот, учесничките активно се вклучија преку споделување лични искуства и дискусија за нивните навики и предизвици поврзани со спиењето.
Фокусот беше ставен на значењето на квалитетниот сон за физичкото и менталното здравје. Беше истакнато дека добриот сон придонесува за подобра концентрација, стабилно расположение и посилен имунитет, додека неговиот недостаток може да предизвика замор, стрес и здравствени проблеми.
Дополнително, учесничките се запознаа со фазите на спиењето (НЕРЕМ и РЕМ) и со улогата на мозочната активност за време на одморот, што е важно за обновување на телото и психичката рамнотежа.
Во завршниот дел беа споделени практични совети за подобар сон, како одржување редовен распоред, ограничување на електронските уреди, избегнување кофеин и воведување релаксирачки рутини.
Работилницата придонесе за зголемување на свесноста кај учесничките за значењето на спиењето и ги мотивираше да направат позитивни промени во секојдневните навики.
Активноста се спроведе во рамки на проектот „Заедно да превенираме и да се бориме против ракот на дојка – 2026“, финансиски поддржан од Локалната самоуправа на општина Свети Николе.





