Ден на добри дела 2026

Организација на жените на општина Свети Николе и оваа година се приклучи кон глобалната иницијатива Ден на добри дела (Good Deeds Day), која по трет пат се одбележа во Македонија. Како партнер на Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ-Битола), лидер организација за спроведување на иницијативата во нашата земја, Организацијата повторно даде свој придонес во промовирањето на волонтерството, хуманоста и солидарноста како вредности што ги обединуваат луѓето и создаваат позитивни промени во локалната заедница.

Волонтерска акција беше реализирана на 22 април 2026, во подрачното основно училиште во село Амзабегово, во соработка со Основното училиште „Даме Груев“ од село Ерџелија и ПХВ при Црвен крст – Општинска организација Свети Николе. Заедничката цел беше да се подобрат условите во училиштето и да се создаде побезбедна, поубава и попријатна средина за учениците.

Во акцијата учествуваа повеќе од 30 ученици, наставници и волонтери, кои со голем ентузијазам, посветеност и тимска работа реализираа повеќе активности. Беше поставена нова ограда на училишниот двор со цел да се зголеми безбедноста на учениците, а влезот и делови од училиштето беа разубавени со графити и позитивни пораки кои испраќаат силни пораки за пријателство, почит, добрина и заедништво.

Оваа акција уште еднаш покажа дека кога институциите, граѓанските организации, училиштата и младите работат заедно, можат да создадат вистински промени. Со заеднички труд беше уреден просторот во кој учениците секојдневно учат, се дружат и растат, а истовремено беше испратена и силна порака дека секое добро дело, без разлика колку е мало, има големо значење за заедницата.

Организација на жените на општина Свети Николе изразува искрена благодарност до сите ученици, наставници, волонтери и партнери кои се вклучија во реализацијата на оваа иницијатива и со својот труд покажаа дека хуманоста, солидарноста и волонтерскиот дух се вредности кои треба постојано да ги негуваме.

Заедно продолжуваме да градиме заедница во која добрината е секојдневна навика, а волонтерството двигател на позитивните промени.

Оваа активност ОЖОСВН ја реализираше со поддршка на МКЦ Битола – како лидер организација за спроведување на Ден на добри дела во Македонија. 

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен