Работилница на тема „Психологија на насилството“

Финансиски поддржан од Локалната самоуправа на Општина Свети Николе, проектот „Заедно да превенираме и да се бориме против ракот на дојка – 2026“ продолжува со реализација на активности насочени кон психолошка поддршка и едукација на жените.

На 27 мај 2026 година, Организацијата на жени на Општина Свети Николе реализираше работилница на тема „Психологија на насилството“ со групата за самопомош составена од жени заболени и лекувани од карцином на дојка и матка.

Работилницата се одржа во малата сала на Локалната самоуправа на Општина Свети Николе, со присуство на 10 учеснички, а ја водеше психологот Емина Петкова.

Во интерактивна и доверлива атмосфера, учесничките имаа можност да разговараат за различните форми на насилство, меѓу кои физичко, психолошко и емоционално, економско, сексуално и дигитално насилство. Особен акцент беше ставен на психолошкото насилство, кое често останува непрепознаено, но остава сериозни последици врз самодовербата и менталното здравје.

Во рамки на работилницата беше обработена и психологијата на насилникот, при што се дискутираше за факторите што можат да придонесат кон насилно однесување, како што се растење во средина со насилство, потребата за контрола и моќ, нерешени трауми, љубомора, несигурност и недостаток на емпатија. Беше потенцирано дека ниту една причина не може да го оправда насилството и дека одговорноста секогаш ја носи насилникот.

Учесничките разговараа и за психологијата на жртвата и причините поради кои многу лица остануваат во кругот на насилството, меѓу кои стравот, финансиската зависност, ниската самодоверба, чувството на вина и недостатокот на поддршка. Беше нагласено дека излегувањето од насилна средина е процес кој бара време, разбирање и соодветна помош.

Посебно внимание беше посветено на улогата на набљудувачите – семејството, пријателите, соседите и институциите. Учесничките заклучија дека поддршката, разбирањето и навременото реагирање можат значително да помогнат во спречувањето и надминувањето на насилството.

Во завршниот дел беа разгледани можностите за надминување на насилството преку психолошка поддршка, јакнење на самодовербата, економско осамостојување, создавање мрежа на поддршка, едукација за здрави односи и користење на институционалните механизми за заштита.

Работилницата заврши со заеднички заклучок дека препознавањето на насилството и отвореното зборување за него се првите и најважни чекори кон позитивна промена и создавање побезбедна средина за сите.

Целта на работилницата беше учесничките подобро да го разберат насилството, психологијата на насилникот, жртвата и набљудувачите, како и начините за прекинување на кругот на насилство и градење здрави меѓучовечки односи.

   

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен