Прокрустов синдром: Зошто ги презираме оние што успеваат?
Терминот Прокрустов синдром потекнува од грчката митологија. Прокруст бил разбојник и домаќин кој „љубезно“, пречекувајќи ги своите гости, ги „прилагодувал“ на креветот – ако биле предолги, им ги крател екстремитетите, а ако биле прекратки – ги истегнувал во маки. Денес, оваа приказна се користи како метафора за луѓето кои сакаат сите да ги вклопат во нивните стандарди – дури и по цена на туѓата вредност и бивствување.
Психологијата гледа на Прокрустовиот синдром како на неспособност да се прифати туѓ успех или талент, придружена со потреба да се намали или саботира таа личност.
Кога луѓето чувствуваат силна завист или закана од способностите, талентот или успехот на другите и се обидуваат да ги намалат, саботираат или дискредитираат, велиме дека манифестираат т.е. страдаат од Прокрустов синдром.
Овие лица го доживуваат туѓиот напредок како лична закана. Наместо да се инспирираат или да работат на сопствениот развој, тие се обидуваат да ја намалат вредноста на другите. Му ставаат сопка на оној што напредува забрзано и побрзо од нив. Често имаат ниска самодоверба, иако надворешно можат да изгледаат самоуверено или дури арогантно. Склоноста кон контрола и потребата за доминација ги тера да не толерираат луѓе кои се истакнуваат или се „подобри“ од нив.
Често ги среќаваме во работните колективи, училишните средини, семејствата, социјалните групи или меѓу пријателите.
Ваквото однесување произлегува од несигурност, страв од споредба, кревка самодоверба, нарцисоидни тенденции и страв од губење статус или моќ. Наместо да избере да се развива, лицето се обидува да ги „намали“ другите за да изгледа подобро. Станува збор за длабоко вкоренета потреба да се контролира и ограничи туѓиот успех, особено кога тој го надминува нашиот.
Прокрустовиот синдром не е официјална психијатриска дијагноза, туку метафора за токсичен психолошки модел во кој некој, наместо да расте, се обидува да ја намали вредноста на другите.
Однесувањето може да се сретне во различни средини:
- На работа – кај шеф кој не му дава можност на талентиран вработен да води проект по кој тој ќе напредува и ќе се истакне, а шефот ќе биде засенет; или кај колега кој постојано ги минимизира туѓите идеи на состаноци, иако тие се квалитетни.
- Во образовни институции – каде некој го потценува успехот на колега, студент или ученик. Исто така, кај наставник кој инсистира сите ученици да го решаваат проблемот на точно определен начин, како што тој го објаснил. Ако некој ученик покаже поинаков, покреативен метод што води до точен резултат, наставникот го оценува со пониска оценка и го критикува пред класот затоа што „не ги следел упатствата“. Во исто време, учениците што строго го следат неговиот метод, дури и кога прават грешки, добиваат подобар третман.
- Во семејството – каде родител несвесно го ограничува развојот на детето. На пример, детето има интровертен карактер, но родителот постојано го присилува да биде друштвено и „гласно“, критикувајќи го кога сака мир или самостојни активности. Во ваквите ситуации суштината е иста: се наметнува еден „правилен“ модел наместо да се прифати дека секое дете има сопствена личност, интереси и темпо на развој.
- Во пријателствата – каде успехот на едниот предизвикува љубомора кај другиот. На пример, едниот дипломирал, а другиот воопшто не честитал ниту покажал радост, „позеленет“ од завист.
Суштината на овој модел е дека наместо личен раст се избира патот на намалување на другите, што долгорочно ги нарушува односите и создава токсична средина.
Како да препознаете личност која тешко го поднесува туѓиот успех?
Неколку чести знаци:
Го намалува значењето на туѓите успеси.
Пример: Добивате унапредување, а тие велат: „Па денес секој може да добие таква позиција.“
Покажува завист наместо поддршка.
Пример: Наместо да ви честитаат за новиот автомобил, коментираат: „Сигурно многу те чинело, не знам дали вреди.“
Создава пречки или шири негативни приказни.
Пример: На работа намерно не споделува важна информација за да ви биде потешко да успеете.
Сака сите да играат според неговите правила.
Пример: Ако некој има поинакво мислење, веднаш го критикува или оттурнува.
Не прифаќа кога некој е поуспешен или поталентиран.
Пример: Наместо да признае дека некој добро ја завршил работата, бара ситни грешки за да го потцени.
Постојано се споредува со другите.
Пример: Секој разговор го претвора во натпревар – кој е поуспешен, заработува повеќе или има подобар живот.
Како да го надминете Прокрустовиот синдром ако го препознавате кај себе
Првиот чекор е да станеме свесни дека го имаме и дека сме неправедни кон другите поради завист и недостаток на самодоверба. Признавањето пред себеси (или пред професионалец) дека имаме проблем може да биде добар почеток за работа на сопствените несигурности и нефункционални модели на однесување, доколку е потребно и со помош на психолог.
Кога зависта не е деструктивна, туку е препознаена и свесно контролирана, таа може да се претвори во поттик за личен раст и напредок – и тоа не на сметка на другите.
Ако сте забележале дека и самите сте жртва на лице со Прокрустов синдром, не обвинувајте се себеси. Не прекорувајте се и не сомневајте се во сопствената вредност. Важно е да ги препознаете знаците на овој синдром и да бидете свесни дека она што се случува доаѓа од нечија несигурност и недостаток на самодоверба, а не од нешто што е поврзано со вас. Исто така, потребно е да поставите јасни граници и, доколку е потребно, да се дистанцирате од таквата личност.
Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка
Оваа активност е дел од проектот „Чекориме од зајакнување кон промена“ финансиски поддржан од The Kvinna Till Kvinna Foundation и Шведска.

