На 29 мај во Делчево и на 4 јуни во Свети Николе, Ангела Стојановска ја изведе својата монодрама „СРАМ” спојувајќи го емоционалното влијание на монодрамата со интерактивен дијалог и им обезбеди на присутните можност за споделување позитивни и негативни искуства.
Во првиот дел, публиката најде моменти на смеа и препознатливост додека актерката ги споделуваше своите искуства. Во вториот дел навлезе подлабоко, охрабрувајќи отворени дискусии за случаи на срам, омаловажување и дискриминација.
Од актерката:
„Монодрамата „СРАМ“ е моето простување со срамот од моето тело, од храната, од живеењето во оваа земја. Од срамот кој сум го негувала долго време, кој понекогаш не е лично мој и доаѓа од постапките на другите. Ова е моето прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Време е срамот да оди кај некои други луѓе.“
– Ангела Стојановска
Како заокружување на вечерта, присутните беа почастени со торта подготвена од актерката во текот на целата изведба, што дополнително го направи настанот поинтересен.
Настанот „Шепоти во огледалото“ е дел од проектот „Јаки жени ја јакнат заедницата“ во реализација на ОЖОСВН и финансиски поддржан од Шведска и The Kvinna Till Kvinna Foundation.