Успешен почеток на менторската програма „Растеме заедно во лидерки на заедницата“

  • Почетна
  • Новости
  • Успешен почеток на менторската програма „Растеме заедно во лидерки на заедницата“

Во периодот од 29 април до 17 мај успешно беа реализирани првите активности од менторската програма „Растеме заедно во лидерки на заедницата“.

На 29 април 2026 година, во просториите на ОЖОСВН, се одржа првиот состанок со менторките, чија цел беше нивно подетално запознавање со програмата, нејзините цели, активности и очекуваните резултати. Менторките добија информации за нивната улога и одговорности, како и за начинот на организирање и спроведување на индивидуалните и групните средби во текот на програмата.

Во рамки на состанокот беа разгледани и административните аспекти на програмата, меѓу кои водењето месечни извештаи, подготовката на планови за активности и следењето на напредокот. Посебно внимание беше посветено на значењето на менторската програма како простор за личен развој, стекнување нови искуства и јакнење на лидерските, комуникациските и организациските вештини на менторките.

На 7 мај 2026 година следуваше и првата средба помеѓу менторките и менторираните девојчиња, која се одржа во дворот на Доброволното противпожарно друштво. Средбата помина во пријатна и позитивна атмосфера, исполнета со насмевки, возбуда и нови познанства, поставувајќи цврсти темели за успешна менторска соработка.

Преку интерактивни игри за запознавање, учесничките имаа можност да се претстават, да ги споделат своите интереси и да изградат меѓусебна доверба. На оваа средба секое девојче доби своја менторка и така се формираа 16 парови на менторки и менторирани. Следуваа тимски активности кои го поттикнаа заедништвото, комуникацијата и соработката, во согласност со вредностите што ги промовира програмата – општествена вклученост, меѓусебна поддршка, пријателство и создавање безбедна и инспиративна средина за раст и развој.

Средбата заврши со неформално дружење, каде менторките и девојчињата продолжија да разговараат и подобро да се запознаваат во опуштена атмосфера. Веќе по првата заедничка активност беше видлив ентузијазмот и поврзаноста меѓу учесничките, кои со нетрпение ги очекуваат следните средби и можностите за заедничко учење, личен развој и градење лидерски капацитети.

На 17 мај се одржа работилница, за менторките на тема „ОГЛЕДАЛО“, која придонесе за јакнење на самодовербата, подобро меѓусебно запознавање, развивање на тимската работа, меѓусебното почитување, комуникациските вештини и разбирањето меѓу учесничките. Оваа работилница е дел од партнерството со Театар за сите и проектот „Огледало“ поддржан од „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира „Хартефакт фонд“ и ко-финансиран од Министерство за култура и туризам на РС Македонија.

Овие воведни активности претставуваат важен чекор во создавањето силна менторска заедница, која ќе ги поддржи девојчињата во нивниот личен и лидерски развој, охрабрувајќи ги активно да придонесуваат во своите заедници.

Овие активности се дел од проектот „Чекориме од зајакнување кон промена“, финансиски поддржан од Kvinna Till Kvinna Foundation и Кралството Шведска

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен