Бесплатната правна помош – поддршка за граѓаните кога најмногу им е потребна

  • Почетна
  • Новости
  • Бесплатната правна помош – поддршка за граѓаните кога најмногу им е потребна

Бесплатната правна помош – поддршка за граѓаните кога најмногу им е потребна

Правните проблеми можат да го погодат секој граѓанин, без разлика дали станува збор за семејни односи, долгови, пензии, наследување, извршување или постапки пред државните органи. Во такви ситуации, бесплатната правна помош претставува значаен механизам преку кој граѓаните можат да добијат точни информации, правен совет и насоки за заштита на своите права.

Во Република Северна Македонија, бесплатната правна помош се обезбедува како примарна и секундарна правна помош, во согласност со Законот за бесплатна правна помош.

Примарна и секундарна правна помош – која е разликата?

Примарната правна помош е првиот чекор за секој граѓанин кој има правен проблем. Таа опфаќа иницијален правен совет за правото на користење бесплатна правна помош, општи правни информации, правни совети и помош при пополнување на барањето за одобрување секундарна правна помош.

Оваа помош ја обезбедуваат Министерството за правда, подрачните одделенија на Министерството, овластени здруженија, како што е ОЖО Свети Николе, како и правните клиники. Право на примарна правна помош има секое физичко лице кое има живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија.

Секундарната правна помош, пак, се однесува на обезбедување адвокатско застапување во конкретни правни постапки за лица кои, поради својата финансиска состојба, не можат сами да ги подмират трошоците на постапката, а ги исполнуваат законските услови.

Во практиката често постои заблуда дека секој граѓанин автоматски има право на бесплатно застапување пред суд или друг орган. Всушност, секундарната правна помош се одобрува само доколку се исполнети законски утврдените услови, пред сè во однос на висината на приходите и оправданоста на барањето.

Адвокатите кои обезбедуваат секундарна правна помош можат да ги застапуваат граѓаните во граѓански судски постапки, управни постапки пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, во оставински постапки пред нотар и во други случаи предвидени со закон.

За кои прашања граѓаните најчесто бараат правна помош?

Искуството од Општина Свети Николе покажува дека граѓаните најчесто бараат бесплатна правна помош за прашања од областа на семејното право, нотарските постапки, извршувањето, пензиското осигурување и управните постапки.

Најголем број случаи се однесуваат на развод на брак, издршка на деца и поделба на заедничкиот имот.

Кога семејството се соочува со промени

Граѓаните најчесто се интересираат како се води постапката за развод и кои се нивните права и обврски.

Разводот може да биде спогодбен кога двајцата сопружници се согласни за престанокот на бракот и имаат спогодба за тоа на кој родител ќе му бидат доделени малолетните деца на чување, воспитување и делумно издржување и колку ќе изнесува издршката што ќе ја плаќа  другиот родител. Доколку таква согласност не постои, постапка  може самостојно да поведе сопружникот кој има волја да се разведе бракот, а и во двата случај постапките се поведуваат со поднесување тужба до надлежниот суд.

При донесување на одлуката за развод, судот задолжително одлучува и за доверувањето на малолетните деца, нивното воспитување и издржување, како и за висината на издршката што ја плаќа другиот родител.

Една од најчестите заблуди е дека родител кој е невработен или нема доволно приходи нема обврска да плаќа издршка. Законот предвидува дека двајцата родители имаат обврска да придонесуваат за издржувањето на своето дете, а висината на издршката се определува според потребите на детето и материјалните можности на родителите. Неплаќањето издршка може да повлече и кривична одговорност.

Често се поставуваат прашања и за поделбата на имотот стекнат за време на бракот. Во тие случаи граѓаните се информираат дека поделбата на заедничкиот имот претставува посебна постапка и не се спроведува автоматски со разводот.

Кога долговите стануваат проблем

Честа причина за барање бесплатна правна помош се нотарските платни налози и побарувањата по основ на неплатени сметки, комунални услуги, кредити и други парични обврски.

Граѓаните најчесто се информираат за роковите за постапување, нивните права и можноста одредени побарувања да бидат застарени согласно Законот за облигационите односи. Бидејќи секој случај има свои специфичности, важно е по приемот на нотарски платен налог навремено да се побара стручен правен совет, со што може да се избегнат дополнителни трошоци и понеповолни последици.

Права на пензионерите

За бесплатна правна помош често се обраќаат и пензионери против кои се водат извршни постапки.

Во овие случаи граѓаните се информираат за законските ограничувања при извршување врз пензија, како и за правата што им ги гарантира Законот за извршување, особено кога станува збор за заштитата на минималните примања.

Правен совет за други прашања

Во последните години сè почесто се поставуваат прашања поврзани со задолжителната вакцинација на децата, при што родителите бараат информации за нивните права и обврски, како и за постапките што се водат согласно важечките прописи. Во овие случаи граѓаните добиваат правни информации и насоки согласно законската регулатива и околностите на конкретниот случај.

Бесплатна правна помош се бара и во управни постапки, особено кога надлежните органи не постапиле или не донеле одлука во законски предвидените рокови. Граѓаните добиваат насоки за понатамошните правни чекори и начините на заштита на своите права.

Најчестите заблуди

Во практиката често се среќаваат неколку погрешни уверувања:

  • „Ако немам работа, не морам да плаќам издршка за детето.“ – Неточно. Издршката е законска обврска на двајцата родители.
  • „Со разводот автоматски се дели имотот.“ – Неточно. Поделбата на заедничкиот имот се води во посебна постапка.
  • „Секој има право на бесплатен адвокат.“ – Неточно. Бесплатното адвокатско застапување се одобрува само доколку се исполнети законските услови за користење секундарна правна помош.
  • „Ако добијам нотарски платен налог, мора веднаш да го платам долгот.“ – Не секогаш. Во зависност од конкретниот случај, граѓанинот може да има законски права кои треба навреме да ги провери.

Правен совет навреме – најдобра заштита на вашите права

Практиката покажува дека граѓаните најчесто бараат правна помош кога постапката веќе е започната или кога веќе се соочуваат со судски спор или извршување. Сепак, навременото информирање и стручниот правен совет можат да спречат многу недоразбирања, непотребни трошоци и долготрајни постапки.

Бесплатната правна помош има за цел да им овозможи на граѓаните полесен пристап до правдата, да ги информира за нивните права и обврски и да им помогне навреме да донесат правилни одлуки во ситуации кога правната поддршка им е најпотребна.

Кристина Стојчева- Крстева – Адвокатка при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка

Оваа активност е дел од проектот „Чекориме од зајакнување кон промена“ финансиски поддржан од The Kvinna Till Kvinna Foundation и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен