Организација на жените на општина Свети Николе како членка на Националниот младински совет на Македонија на 10 декември реализираше двочасовна локална таун-хал дискусија со девојки и млади жени од општина Свети Николе. Оваа дискусија имаше за цел од една страна да ги запознае младите со локалните механизми за еднакви можности на мажите и жените и да ги доближи до оваа целна група како еден од механизмите преку кои може да се вклучат девојките во процеси на креирање политики и донесување одлуки на локално ниво. Но и, од друга страна, да се надминат одредени предизвици и да се дадат конкретни препораки од страна на девојките за поголемо нивно вклучување во консултативни процеси при креирање на различни локални политики.
Како говорнички на дискусијата беа Ивана Димитрова – Координаторка за еднакви можности на мажите и жените на општина Свети Николе, Оливера Арсов – поранешна претседателка на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените при Советот на општина Свети Николе и Елена Трајкова – граѓанска активистка. Секоја од говорничките сподели искуства и значајни информации од својот делокруг на работа, надлежности, позитивни примери и влијанија, преку кои ги мотивираа, охрабрија и инспирираа присутните девојки да бидат активни чинители во заедницата, да се борат за своите права и гласно да ги искажуваат своите потреби, проблеми, предизвици.
На крајот од дискусијата, присутните учеснички креираа пораки против насилство, а со цел да дадат поддршка на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ која завршува кога и се оддржа самата дискусија – на 10 декември.
Оваа активност за мобилизирање на заедниците е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) и нејзиниот партнер Национален младински совет на Македонија (НМСМ). ОЖОСВН ја реализира оваа дискусија на локално ниво како членка на НМСМ.