Менталното здравје е составен дел на општото здравје на личноста, а претставува важен извор на снага и сигурност за поединецот и семејството.
Личноста која е со добро ментално здравје е задоволна, позитивна, отворена и се грижи за блиските луѓе и другите односи, ги прифаќа другите, способна е да склопува и да одржува пријателства, продуктивна е на своето работно место, допринесува во заедницата, има личен капацитет да се носи со животните тешкотии и стресови кои се составен дел на секој животен пат.
Mесец мај е време за подигање на свеста за луѓето кои што живеат со ментални проблеми или проблеми со однесувањето и помагање да се намали стигмата кон нив.
Оваа година, седмицата од 10 до 16 Мај се одбележува под слоганот „Поврзи се со природата“.
За време на пандемијата, милиони луѓе се свртеа кон природата. Истражувањата за влијанието на пандемијата врз менталното здравје покажаа дека одењето на прошетки во природа било еден од најважните механизми за справување и 45% истакнале дека зеленото опкружување било од витално значење за нивното ментално здравје.
Природата е многу важна за нашето психолошко и емоционално здравје, па е речиси невозможно да се има добро ментално здравје без силна поврзаност со природата. Таа не само што ни нуди утеха во стресни моменти туку, исто така, ја зголемува креативноста и емпатијата. Но, сепак, се испоставува дека не е важно само да се биде во природа, туку и да се биде отворен и во интеракција со неа.
Поминување време во зелен простор или воведување на природата во секојдневниот живот, може да доведе до бенефит и на менталната и на физичката добросостојба. На пример: одгледување храна или цвеќиња, вежбање на отворено или опкруженост со животни, пешачење во природа или возење велосипед – влијаат позитивно на нас и го подобруваат расположението, го намалуваат чувството на стрес или бес, помагаат да се „направи пауза“ и да се релаксираш, го подобруваат физичкото здравје, ја подобруваат самодовербата и себепочитта, помагаат да се води физички поактивен живот, а секако помагаат и во подобрување на социјалниот живот и интеракција со други луѓе.
Доколку сакате да дознаете повеќе за начините за справување со стресот и водење грижа за сопственото ментално здравје или едноставно сакате да се чувствувате добро, можете да се обратите во канцеларијата на Организација на жените на општина Свети Николе, каде што имаме психолог кој нуди бесплатна психо-социјална поддршка и може да ве сослуша и да разговара со вас.
Текстот го подготви Ружица Сотировска – психолог во Канцеларијата за БПП и ПСП.
Овој настан е дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.