Психо-социјална поддршка: значење и видови

Психо-социјалната поддршка се дефинира како грижа, удобност, поддршка или помош, која лицето кое има потреба ја прима од други луѓе: професионалци (психолог/социјален работник) или групи за помош и самопомош.

Во секојдневниот живот поддршка најчесто ни даваат најблиските (партнерот, семејството, пријателите, колегите, лекарот, наставникот) бидејќи тие се до нас и сметаме дека најдобро можат да не’ разберат и се најдобро упатени во нашиот случај. Но, многу често разговорот со професионално лице надвор од нашето опкружување може да биде клучен и да влијае кон позитивна промена и надминување на некоја конкретна стресна или неочекувана ситуација која влијаела на негативна промена во нашиот живот.

Психо-социјалната поддршка може да биде емоционална. Оваа поддршка вклучува израз на емпатија, грижа и внимание кон лицето кое има потреба и му помага да се чувствува пријатно, заштитено, да ја добива потребната грижа, припаѓа некаде и е сакан/а, потребен/на, корисен/на.

Друг вид психо-социјална поддршка има за цел да ја подобри самодовербата и самоефикасноста на лицето кое има потреба, преку давање позитивни и охрабрувачки пораки, согласување со неговите/нејзините идеи за промена кон подобро, прифаќање на неговите/нејзините чувства, позитивно споредување на личноста со други луѓе кои поминале или поминуваат низ иста или полоша состојба. Овој вид поддршка ѝ дава на личноста чувство дека не е сама, дека е вредна, може да успее и има потенцијал да се справи со проблемот. Ваквата поддршка ѝ дава време и сила на личноста да се соземе и да ги активира сопствените ресурси за справување со проблемот.

Трет вид на психо-социјална поддршка е т.н. информациска поддршка, која вклучува давање на совети, инструкции, сугестии или споделувања на лични искуства на луѓе кои веќе минале низ слична ситуација. Овој вид поддршка најдобро се дава во групи за психо-социјална поддршка во кои членуваат повеќе луѓе кои се соочуваат со иста или слична ситуација.

Психо-социјалната поддршка најмногу зависи од самата личност. Најпрво, важно е лицето да препознае дека има потреба и да биде отворено да ја прима поддршката. Ова е особено значајно во нашето општество, каде барањето стручна помош и одењето на советување со психолог, социјален работник, психотерапевт и сл. се’ уште се смета за срамно и понижувачко, а лицата кои добиваат таква помош и поддршка многу често се осудувани од околината, отфрлени, етикетирани и погрешно разбрани.

Од друга страна, лицата кои имаат потреба од психо-социјална поддршка може и да не се свесни за тоа, затоа што едноставно и самите се премногу исплашени и збунети и не знаат како да се однесуваат во дадена ситуација: плачат, тажни се, депресивни, дистанцирани, имаат промени во физичкото и менталното однесување итн. Во однос на ова, многу значајно е и какви се врските на лицето со семејството и заедницата во која живее, бројот на луѓе со кои контактирал пред новонастанатата ситуација и каков бил квалитетот на тие контакти, т.е. дали биле формални, службени или далечни, или постоел поголем степен на блискост, доверба и посветеност, колку чести биле тие контакти и колку од нив останале, дали се тоа членови на семејство, пријатели или други. Луѓето кои имаат поголем број врски со повеќе луѓе кои им се блиски, во кои имаат доверба и од кои можат да добијат поддршка, имаат многу поголеми изгледи да ја надминат ситуацијата и побрзо да се вклучат во нормалниот живот.

Организација на жените на општина Свети Николе во рамки на Канцеларијата за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка нуди услуги за бесплатна психо-социјална поддршка за лица кои имаат потреба од разговор со психолог.

Можете да не’ контактирате на 032/444-620, womsvetinikole@yahoo.com или со порака на социјалните медиуми.

 

Текстот го подготви Ружица Сотировска – психолог во Канцеларијата за БПП и ПСП.

Оваа активност е дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршкa. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен