Мојата приказна

На 10 ноември 2020 година, со почеток во 18.00 часот, ОЖОСВН реализираше работилница за психо-социјална поддршка на членките од групата за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни заболувања. Работилницата на тема „Мојата приказна“, се спроведе со почитување на ситe мерки и протоколи за заштита од „Ковид-19“, а беше водена од психолог – психотерапевтка Елисавета Секуловска.

Целта на оваа работилница беше низ интерактивен пристап учесничките да изградат психолошка резилиентност и да се поврзат со сопствените цели, потреби и емоции. Прифаќање и изразување на непријатните и пријатните аспекти од сопствената приказна на секоја учесничка се направи во атмосфера на групна работа и поддршка. Секоја учесничка на работилницата одбра своја тема (своја приказна) која ја сподели со останатите, правејќи композиција со избор на три картички-фотографии за опис на минатото, сегашноста и иднината.

Интересно е тоа како луѓето се соочуваат со своите стравови и емоции во различни периоди од животот, колку е потребна храброст за да истапиш и споделиш лични искуства пред поголема маса на луѓе, колку е важна доверлива средина за работа, особено кога во прашање се жени а, исто така, и тоа како другите луѓе различно перцепираат и доживуваат една иста работа, како што е, на пример, соочувањето со болеста.

На крај, оваа работилница покажа дека колку и да ни се различни приказните, сепак, делиме исти стравови и емоции. особено кога станува збор за болест.

Секому му треба поддршка и разбирање, можност за споделување на стравовите и континуирана работа на сопственото психофизичко здравје.

Оваа работилница е дел од активностите во рамки на проектот „Заедно во борба против ракот на дојка“, финансиски поддржан од Општина Свети Николе.

 

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен