Работилница на тема „Вежби за релаксирање на целото тело“

На 16 јуни 2026 година, на градскиот стадион во Свети Николе, Организација на жените на општина Свети Николе реализираше работилница „Вежби за релаксирање на целото тело“, наменета за членките на групата за самопомош – жени заболени и лекувани од карцином на дојка и матка.

 

Активноста е дел од проектот „Заедно да превенираме и да се бориме против ракот на дојка – 2026“, кој се реализира со финансиска поддршка од Локалната самоуправа на Општина Свети Николе.

 

Работилницата беше посветена на унапредување на физичкото и психичкото здравје преку редовна физичка активност, со посебен акцент на постоперативното закрепнување и рехабилитација. На настанот присуствуваа 12 учеснички кои активно се вклучија во практичните вежби и разменија искуства поврзани со процесот на лекување и закрепнување.

 

Стручниот дел од работилницата го водеше лиценцираната физиотерапевтка Марија Таушанова Стеванова, која ги запозна присутните со едноставни и безбедни вежби за релаксација, раздвижување и одржување на физичката кондиција. Програмата опфати вежби за загревање, подобрување на подвижноста на вратот, рамената и екстремитетите, техники за правилно дишење, како и вежби за превенција на лимфедем и подобрување на држењето на телото.

 

Посебно внимание беше посветено на важноста од физичката активност по оперативни зафати, кога правилно избраните вежби можат значително да придонесат за враќање на подвижноста, намалување на чувството на затегнатост и болка, подобрување на циркулацијата и зајакнување на мускулатурата. Беше истакнато дека редовното движење претставува важен дел од процесот на рехабилитација, придонесувајќи не само за физичко закрепнување, туку и за подобрување на самодовербата, расположението и квалитетот на животот.

 

Работилницата се одвиваше во пријатна и мотивирачка атмосфера, исполнета со позитивна енергија, дружење и меѓусебна поддршка. Активното учество на присутните уште еднаш ја потврди потребата од вакви активности кои обезбедуваат практични знаења, охрабрување и континуирана поддршка за жените кои се соочиле со малигни заболувања.

 

Преку ваквите едукативни и практични средби, Организација на жените на општина Свети Николе продолжува да придонесува кон подигнување на свеста за значењето на физичката активност како важен сегмент од закрепнувањето, превенцијата на компликации и одржувањето на целокупното здравје и благосостојба.

       

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен