Во рамки на програмата „Растеме заедно во лидерки на заедницата“, на 22.06 менторките и менторираните девојчиња реализираа еднодневна заедничка активност во кањонот Матка– простор кој со својата природна убавина создаде идеални услови за уживање, поврзување и градење заеднички искуства надвор од секојдневната рутина.
Денот започна со прошетка покрај езерото Матка, каде учесничките имаа можност да уживаат во мирната атмосфера, свежиот воздух и импресивниот пејзаж кој го нуди овој единствен природен локалитет. Природата создаде простор за опуштени разговори, споделување искуства и зајакнување на меѓусебната доверба меѓу девојчињата и менторките.
Еден од највпечатливите моменти на денот беше возењето со бродче низ кањонот Матка. Пловејќи низ тесните карпести премини и тиркизната вода, учесничките имаа можност одблиску да ја доживеат уникатната убавина на кањонот. Во текот на возењето, атмосферата беше дополнително збогатена со музика, која придонесе за чувство на радост, опуштеност и заедничко уживање во моментот. Ова искуство остави силен впечаток и овозможи создавање на незаборавни спомени.
Во текот на целиот ден беа реализирани и неформални активности, разговори и игри кои поттикнаа поврзување, тимска соработка и меѓусебно запознавање. Овој тип на активности е особено значаен за програмата, бидејќи придонесува кон градење на доверба, комуникациски вештини и чувство на припадност во групата.
Програмата „Растеме заедно во лидерки на заедницата“ континуирано покажува дека создавањето безбеден, поддржувачки и охрабрувачки простор за девојките е клучно за нивниот личен и заеднички развој. Преку вакви активности, учесничките не само што стекнуваат нови искуства, туку и ја зајакнуваат својата самодоверба, лидерски капацитети и чувството на заедништво.
Оваа активност уште еднаш потврди дека кога девојките се поврзуваат, учат една од друга и добиваат вистинска поддршка – тие растат во силни, свесни и активни носителки на позитивни промени во својата заедница.
Оваа активност е дел од проектот „Чекориме од зајакнување кон промена“ финансиски поддржан од фондација Kvinna Till Kvinna и Шведска.
* 📷 Авторка на фотографиите: Маја Јаневска- Илиева



