Со анксиозноста на ТИ – ШТО, КОГА и КАКО?

Со анксиозноста на ТИ – ШТО, КОГА и КАКО?

Сите понекогаш се чувствуваме анксиозно, вознемирено или неспокојно. Анксиозноста е сосема нормална и природна човечка реакција на стресот. Тaа е како вграден алармен систем во нашето тело кој не подготвува да се справиме со потенцијалните закани или предизвици. Тоа е оној пријателски мал глас во вашата глава кој вели: Внимавај, нешто значајно се случува!“. Овој вид на вознемиреност е привремена состојба која се смирува веднаш штом стресорот ќе намали своето дејство или ситуацијата ќе се реши. Кај учениците, тоа се случува додека ги чекаат родителите да се вратат од родителскиот состанок, кај партнерите во ситуации кога ќе стигне порака „мора да разговараме“. Не секоја анксиозност е иста и може да варира од вообичаена појава, како дел од вообичаеното човечко искуство, до нарушување кое ќе го попречува секојдневното функционирање, како кога се соочуваме со анксиозно растројство.

Анксиозност – што  е тоа?

Коренот на зборот доаѓа од латинскиот збор angere (стегање) и anxietas (грижа, неспокој). Анксиозноста повлекува субјективни чувства на исчекување или страв за претстоечка несреќа заедно со различен степен на вознемиреност на автономниот нервен систем и реактивност (одредува како една личност емоционално и бихејвиорално реагира на одредени настани, автоматска е и често неволна реакција на која може да влијаат различни фактори, како што се, минати искуства, трауми, верувања и лични вредности.

Анксиозноста е сложен когнитивен, афективен, физиолошки и бихејвиорален систем на реакции кој се поврзани со некаква закана. Ова всушност значи дека анксиозноста во себе ги содржи реакциите на телото и умот вклучувајќи ги специфичните мисли и емоции, но и физичките и промените во однесувањето. Овој систем на реакции се активира тогаш кога  ни се најавува доаѓањето на настани или околности кон кои се буди исклучителна одбивност, односно кога забележуваме дека нив не можеме да ги предвидиме и контролираме, а во исто време ги доживуваме како закана.

На пример, ситуација на јавно говорење, пред полна сала слушатели, каде што оваа ситуација може да предизвика анксиозност, кај лицето може да:

  • предизвика мисли дека ќе биде исмеано ако не успее, дека сите ќе разберат дека не се подготвило доволно, дека ќе заборави сè што е важно да каже, дека негативно ќе биде оценето (мисли)
  • се чувствува немирно, неспокојно, напнато (емоции)
  • ќе поцрвени во лицето, ќе забележи забрзана работа на срцето, потење на рацете… (телесни промени). Овие физички промени можат да предизвикаат мисла: „Сите гледаат како се потам и црвенеам.“ и промените уште повеќе да се засилат.
  • ќе престане со говорот, ќе се повлече, ќе се повлече од говорницата, стриктно ќе се држи до напишаното на парчето хартија, ќе хипервентилира… (однесување)

Како што телесните промени влијаат врз мислите, така треба да се напомене и дека наведените промени предизвикани од анксиозноста се испреплетени и меѓусебно поврзани. Тешко е да се одреди што предизвикува (повлекува) јавување на што. Што претходи, а што следува.

Дали анксиозноста е вообичаена појава и кога престанува да биде?

Анксиозноста е нормална појава и сите ние ја чувствуваме понекогаш. Таа има еволутивна смисла и функција преку својата мотивациска и адаптивна функција.

Анксиозноста станува патолошка ако е со прекумерен интензитет и времетраење, ако се појави надвор од или долго по опасноста, ако се генерализира на широк спектар на ситуации, ако не можеме да ја контролираме или објасниме, ако значително се меша во нормалното функционирање на поединецот… Во овие ситуации, дефинитивно е добра идеја да поразговарате со професионалец за ментално здравје.

Што се анксиозни растројства и колку се чести?

Анксиозноста е природна, нормална појава чии непријатни симптоми треба да се намалуваат. Во колку симптомите траат подолго од шест месеци, тогаш станува збор за психичко нарушување, кое може и треба да се третира.

Во најчестите анксиозни растројства спаѓаат:

  • Специфични фобии: Можеби најпознатата форма на анксиозност се специфичните фобии, кои значат појава на анксиозност и страв предизвикани од специфични ситуации или стимули. Иако некои фобии се почести од други (на пр. страв од височина или змии), можеме да развиеме широк спектар на фобии преку сопственото искуство. Во третманот токму изложеноста на стимулусот, што ни предизвикува анксиозност, е исклучително важен за надминување на фобиите.
  • Генерализирано анксиозно растројство (ГАП): Луѓето кои страдаат од ГАП се континуирано/силно, често вознемирени и постојано се грижат за широк спектар на теми (реални и нереални). Грижите често се поврзани за себе и членовите на семејството поврзани со здравје, безбедност, вработување, финансии, образование, ретки и далечни настани итн. Симптомите се секојдневни и постојани. Тие не се поврзани со специфични ситуации кои предизвикуваат непријатност и страв кај личноста, како што е случајот со разни фобии, ниту пак се појавуваат одеднаш во форма на напади, како кај паничното растројство.
  • Социјална фобија/ Социјално анксиозно растројство вклучува страв, вознемиреност и избегнување на јавно изложување/евалуација, „потенцијално“ понижување, срам или социјални интеракции. Социјалната фобија може да биде поврзана со специфични социјални ситуации (на пр. јавно говорење) или може да се однесува на повеќето социјални интеракции или интеракции воопшто.
  • Селективен мутизам: Селективен мутизам имаме кога кај личноста која нема проблем со зборувањето вообичаено, ќе изостане комуникацијата во специфични ситуации, на места или во друштво на одредени луѓе каде таа се чувствува преплашено, напнато, непријатно, засрамено итн… .
  • Панично растројство: Кај паничните растројства, луѓето страдаат од ненадејни и интензивни панични напади. За време на овие напади, постои интензивно чувство на непријатност, страв и низа физички симптоми како што се забрзан пулс, потење, болка во градите, хипервентилација… Може да се појават и страв од губење контрола, страв од смрт и деперсонализација. Поради сето погоре наведено, можно е да се појават избегнувачки однесувања на ситуации, места…
  • Агорафобија: Луѓето доживуваат анксиозност што произлегува од тоа што се наоѓаат во простор или ситуација од која перцепираат дека излезот/бегството е тешко, состојбата е загрозувачка и помошта е недостапна. Истото е поврзано со развивање на однесувања на избегнување. Овие избегнувања можат да бидат генерализирани (да се прошират на други места/ситуации), во некоја екстремна форма, лицето не го напушта својот дом поради анксиозност.

Анксиозните нарушувања вклучуваат и  може да вклучат неколку други нарушувања кои се јавуваат поретко, меѓу кои можеби најпознатото нарушување е таканаречената сепарациска анксиозност. Во некои извори, под анксиозни нарушувања можете да најдете и ПТСН посттрауматско стресно нарушување и опсесивно-компулсивно нарушување (ОКН).

Кога зборуваме за честотата на јавување, епидемиолошките наоди покажуваат дека над 30% од луѓето ќе имаат некои од наведените нарушувања во текот на животот. Ова значи дека еден од тројца луѓе ќе доживее некаков облик на анксиозност во текот на животот. И покрај фактот дека ова се однесува на една третина од населението, третманите и нивното разликување сè уште не се доволно дискутирани, а барањето помош сè уште е стигматизирано.

Може ли да биде поинаку?

Третмани за анксиозност

Во третманот на анксиозноста најчесто се користат два вида третмани. Еден пристап е употреба на лекови за намалување на симптомите на анксиозност, каде што првенствено зборуваме за анксиолитици и антидепресиви. Во другиот пристап се вклучува психотерапија или лекување со разговор.

Помеѓу луѓето многу популарна опција е и да не се бара помош. Причината за ова е што некои луѓе не ја препознаваат својата анксиозност како нарушување (мислат дека тоа е вообичаено искуство или дека „не може да се подобри, поправи“). Дополнително, додале низа на однесувања, на избегнување и сметаат дека успешно се справуваат со својата анксиозност (на пр. повеќе не користат јавен превоз затоа што еднаш им се слошило во градски автобус). Анксиозноста има тенденција да се генерализира и да се шири на слични ситуации, па луѓето знаат да побараат помош подоцна (кога, на пример и возењето на автомобил ќе стане проблем). Третата причина се различните начини на справување, од кои некои се нефункционални (на пр. злоупотреба на супстанции), додека други се поконструктивни (употреба на внимателност, техники на дишење, алатки од КБТ спектарот…). Иако сакаме да мислиме дека сме во втората група, честопати не сме. Затоа да побараме помош и консултација од стручно лице.

Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка

Оваа активност е дел од проектот „Чекориме од зајакнување кон промена“ финансиски поддржан од The Kvinna Till Kvinna Foundation и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен