На 3 октомври 2026 година, Организацијата на жените на општина Свети Николе, во соработка со Општина Свети Николе, Црвениот крст и Извидничкиот одред „Гоце Делчев“, традиционално ја реализираа Розевата прошетка, посветена на Oктомври – месец за подигање на свеста за превенција од рак на дојка.
Прошетката започна од градскиот парк, продолжи по булеварот и заврши повторно во паркот. Учесниците беа предводени од возило на противпожарната единица, украсено со банер со порака и розеви балони, со што на случајните минувачи им беше пренесена порака за важноста на подигањето на свеста, превенцијата и редовните прегледи.
Нашите волонтери, заедно со волонтерите од Црвен крст и Извидничкиот одред Гоце Делчев од Свети Николе, на присутните подржувачи на прошетката поделија стотина балони, повеќе од 500 информативни флаери и стотина розеви колачиња.
Во рамките на настанот, градоначалникот на Општина Свети Николе засади розеви цвеќиња во градскиот парк, како симбол на поддршка, надеж и заедничка заложба во борбата против ракот на дојка.
Секоја дијагноза на рак на дојка е лична. Зад секоја дијагноза стои приказна – приказна за храброст, истрајност и надеж. Ракот на дојка различно ги допира животите на жените и нивните семејства, но секое искуство заслужува сочувство, достоинство, разбирање и поддршка.
Овој месец нека биде потсетник дека грижата за здравјето треба да биде наша секојдневна одговорност. Редовните превентивни прегледи можат да спасат живот.


