Прирачник за интегрирање на родовиот концепт во локалните политики
Прирачникот за интегрирање на родовиот концепт во локалните политики претставува практична и сеопфатна алатка наменета за поддршка на општините во процесот на креирање поинклузивни, праведни и одговорни локални политики.
Наменет е за советници, претставници на локалната администрација, членови на комисии за еднакви можности, како и за сите чинители вклучени во процесите на планирање, донесување одлуки и буџетирање на локално ниво.
Прирачникот нуди јасна рамка за системско интегрирање на родовата перспектива – од анализа на тековната состојба, преку планирање и креирање политики, до следење и евалуација на нивната имплементација. Посебен акцент е ставен на користењето на родово разделени податоци, дефинирањето на индикатори и поврзувањето на целите со конкретни мерки и резултати.
Во првиот дел се обработува правната и концептуалната рамка за родова интеграција на локално ниво, вклучително и принципите на родово одговорно буџетирање и улогата на институциите во овој процес.
Вториот дел е фокусиран на практична примена, преку конкретни алатки, насоки и примери од различни сектори во надлежност на општините, како што се социјалната заштита, урбанизмот, локалниот економски развој, образованието, спортот и животната средина. Преку реални и применливи примери, прирачникот покажува како родовата перспектива може да се вгради во секојдневното работење на општините.
Дополнително, прирачникот содржи анекси со конкретни алатки и ресурси – прашалници, темплејти, упатства и методологии – кои го олеснуваат процесот на анализа, консултации и подготовка на родово одговорни програми.
Овој прирачник не е само теоретски документ, туку практичен водич за дејствување. Тој е развиен во соработка со локалните чинители и е прилагоден на реалните потреби и предизвици со кои се соочуваат општините.
Со неговата примена, локалните самоуправи добиваат конкретна поддршка за унапредување на транспарентноста, отчетноста и еднаквоста во своето работење – со крајна цел создавање заедници во кои потребите на сите граѓани и граѓанки се препознаени и адресирани.
Линк до Прирачник за интегрирање на родовиот концепт во локалните политики

