Ден за подигање на свеста за пост-трауматско стресно нарушување (ПТСН)

  • Почетна
  • Новости
  • Ден за подигање на свеста за пост-трауматско стресно нарушување (ПТСН)

    „После траумата, светот го доживуваме со изменет нервен систем. Енергијата на личноста тогаш станува хипер-фокусирана на поттиснување на внатрешниот хаос, по цена на спонтана вклученост во сопствениот живот.“ –Бесел ван дер Колк, психијатар и психотерапевт, стручњак во областа на пост-трауматскиот стрес

Многу луѓе низ целата планета тивко страдаат од пост-трауматско стресно нарушување (ПТСН). Со цел да се едуцира јавноста и да им се помогне на тие што се засегнати, 27-ми јуни е назначен за ден за подигање на свеста за ПТСН. Ова е одлична прилика да се зборува со семејството и пријателите и да се научи повеќе за ова нарушување и како тоа ги погодува оние околу нас.

Синдромот на посттрауматски стрес е ментално нарушување кое што некои луѓе го развиваат по искусување или сведочење на животно-заканувачки настан. Било кое искуство кое е закана по твојот живот или на некој друг, може да предизвика синдром на пост-трауматски стрес.

Видови трауматски настани кои што можат да го предизвикаат се: борби или други воени искуства и конфликти, сексуален или физички напад, дознавање во врска со насилна или инцидентна повреда или смрт на сакана личност, сексуално или физичко малтретирање на дете, сериозни несреќи (сообраќајни несреќи), природни катастрофи (пожари, поплави, земјотреси, торнада, урагани…), терористички напади и друго. За време на вакви настани, најчесто немаш контрола над тоа што се случува – случувањата не зависат од тебе и можеш да се чувствуваш многу исплашен/а. Секој/а кој поминал/а низ нешто вакво, може да развие ПТСН.

Постојат некои работи кои ја зголемуваат веројатноста да се развие ПТСН – на пример: имањето интензивна или долготрајна траума, повредувањето или имањето силна реакција на некој настан (како тресење, повраќање или чувство на дистанца од опкружувањето).

Нормално е да имаш вознемирувачки сеќавања, да се чувствуваш како да се наоѓаш на работ или имаш проблеми со спиењето после оваков вид настан. На почеток, може да биде тешко да се изведуваат нормални дневни активности, како на пр. да се оди на работа, на училиште или да се поминува време со луѓето кои ти значат, но, повеќето луѓе почнуваат да се чувствуваат подобро после неколку недели или месеци.

Ако поминале повеќе од неколку месеци и сé уште имаш симптоми, тоа значи дека имаш синдром на пост-трауматски стрес. За некои луѓе, симптомите можат да почнат подоцна или можат да се појавуваат и да си заминуваат одвреме-навреме.

 

Кои се симптомите на ПТСН?

Постојат 4 видови на симптоми на ПТСН, но не мора да бидат исти за секого. Секоја личност ги искусува симптомите на свој начин.

  1. Оживување на настанот

Непожелни сеќавања во врска со траумата можат да се појават во секое време. Можат да се чувствуваат многу вистинито и страшно, ако настанот се случи пак. Ова се вика флешбек. Исто така, може да се имаат и кошмари.

Сеќавања од траумата можат да се случат заради тригер (активација) – нешто што те потсеќа на настанот, на пример: гледање репортажа на вести во врска со катастрофа, може да тригерува некој кој преживеал земјотрес. Или, слушање на силно тропање на ауспух, може да врати сеќавања на пукање од оружје кај некој што бил во војна.

  1. Избегнување на работи кои потсеќаат на настанот

Можеш да пробаш да избегнуваш одредени луѓе или ситуации кои те потсетуваат на настанот. На пример: некој што бил нападнат во автобус – може да избегнува возење со јавен превоз. Или, воен ветеран може да избегнува бучни места, како шопинг центри, бидејќи се чувствува загрозено да биде опкружен со многу луѓе.

Исто така, можеш да се обидуваш да бидеш зафатен/а цело време, за да не мора да зборуваш или да мислиш на настанот.

  1. Имаш повеќе негативни мисли и чувства од порано

Може да се случи да се чувствуваш понегативно отколку пред да се случи траумата. Може да се чувствуваш тажно или празно и да губиш интерес за работи во кои претходно си уживал/а, како на пример поминување време со пријателите. Може да чувствуваш дека светот е опасно место и дека не можеш да веруваш никому. Може да ти биде тешко да чувствуваш или да изразуваш среќа или други позитивни емоции.

Исто така, можно е да чувствуваш вина или срам во врска со трауматичниот настан. На пример, може да посакуваш да си направил/а повеќе за да го спречиш.

  1. Чувство како да си на работ

Можеш да се чувствуваш и нервозно, како да ти е тешко да се опуштиш. Ова се вика хипервозбуденост. Можни се и проблеми со спиење или концентрација, или чувство како да треба да внимаваш на некоја опасност. Се случува и одеднаш да се разлутиш или иритираш – и, ако некој те изненади, лесно ќе се исплашиш.

Не е зачудувачки и, многу често, во вакви ситуации „помош“ се бара во некои нездрави начини на однесување во својот живот, како: пушење, злоупотреба на дрога и алкохол, агресивно возење итн.

Како да знаеш дека имаш ПТСН?

Доколку симптомите почнат сериозно да влијаат врз начинот на животот – несомнено е дека е неизбежно потребна консултација со психолог, психотерапевт или психијатар за понатамошно лекување со соодветна терапија и третман. Треба да се спомене и тоа дека, доколку личноста не сака/одбива да посети лекар, побара совет или психо-социјална поддршка, затоа што, од некоја причина, смета дека не треба или дека нема да му помогне – е уште еден симптом на симптоматската листа. Разговор со стручно лице многу ќе помогне при воспоставување на дијагноза, соодветна терапија и градење на подобар живот во иднина. Колку порано се започне со третман – толку подобро.

Моментот со несогласување и одбивност да се пристапи кон посета на стручно лице е, за жал, многу присутен во денешно време. Грешната слика која што луѓето ја имаат дека е „срамота“ да се оди на психијатар, зашто, не сакаат за нив луѓето нешто да зборуваат – е апсолутен стереотип. Затоа, доколку познаваш некој кој се соочува со ваков или сличен психолошки проблем – разговарај со него и ослободи го, охрабри го. Само така можеш да му помогнеш, со тоа што ќе му кажеш дека не е единствен што се соочува со нешто такво и дека е повеќе од потребно да посети стручно лице за да би се воспоставил подобар живот колку што е можно                                                                                побрзо.

Во канцеларијата на Организација на жените на општина Свети Николе нудиме бесплатна психосоцијална поддршка, каде што можете да наидете на разбирање и прифаќање во врска со ваков или сличен проблем. Ние сме тука постојано за вас и ве охрабруваме да нé посетите, доколку имате некаков проблем. Не заборавајте дека нашата соработка е анонимна и немате потреба од страв и паника дека за вашата состојба ќе дознае и некој друг.

Не заборавај: НЕ СИ САМ/А!

Текстот го подготви Ружица Сотировска, психолог во Канцеларијата за бесплатна БПП и ПСП.

Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.

 

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен