ОЖООЖООЖО
+389 32 444 620
Свети Николе, Македонија

Мај – месец на мајчинска депресија

Мај е месец во кој се одбележува мајчинската (породилна/постпородилна) депресија.

За време на бременоста, доаѓа до многубројни животни промени кои влијаат не само на бремената жена, туку и на целото семејство. Сите тие промени ги прават жените ранливи и подложни на потешкотии со менталното здравје, што последователно влијаат на нивното функционирање, но и на детето.

 

Мајчинската (постпородилна) депресија се јавува кај 15-20% од жените кои родиле, имале абортус или родиле мртво бебе. Таа трае долго, а симптомите се интензивни и можат да влијаат врз способноста на мајката да се грижи за бебето или да се справува со другите секојдневни предизвици.

Симптоми кои ја карактеризираат се:

  • чувство на преплавеност од емоции – чувство како никогаш да не ќе можеш да се справиш со одговорностите околу мајчинството и преиспитување на одлуката да се стане мајка;
  • вина заради верувањето дека можеш подобро да се справиш со мајчинството, чувство дека твоето бебе заслужува подобро или дури дека би му било подобро без тебе;
  • чувство на празнина;
  • депресивно расположение или чести промени во расположението;
  • претерано плачење;
  • тешкотии при поврзување со своето бебе;
  • повлекување од семејството и пријателите;
  • изгубен апетит или јадење многу повеќе од обично;
  • неспособност да се спие (инсомнија) или премногу спиење;
  • интензивно чувство на замор или губиток на енергијата;
  • намален интерес и задоволство од активностите во кои си уживала претходно;
  • интензивна иритабилност и бес;
  • страв дека не си добра мајка;
  • чувство на безвредност, срам, вина или неадекватност;
  • смалена способност да се мисли јасно, сконцентрирано или да се донесуваат одлуки;
  • тежок облик на анксиозност и панични напади;
  • мисли дека ќе се повредиш себеси или своето бебе;
  • повторувачки мисли на смрт или самоубиство.

Но, не се загрозени само бремените жени и доилките, зашто мајчинството носи свои предизвици без обзир на возраста на детето. Сеопфатно австралиско истражување открило дека мајчинската депресија е почеста четири години по породувањето, отколку во било кое друго време во првите 12 месеци после породувањето. Ова откритие укажува на тоа дека е потребен поголем фокус на менталното здравје на мајките. Биле откриени можни фактори на ризик за симптомите на депресија (после четири години од породувањето): претходна депресија, транзиции (преминувања) во односите, насилство од страна на интимните партнери, социјални проблеми итн. Како останати фактори поврзани со симптомите на депресија, биле посочени: млада возраст на мајката (18-24 години), стресни животни настани и ниски примања.

Превенцијата на постпородилната депресија е многу важна и може да се изведе само со свесност за неа и едукација. Да се знаат ризик факторите и рано да се идентификуваат симптомите, може да доведе до огромни промени.  Пробај да практикуваш здрави навики кои можат да го намалат ризикот или дури да помогнат да се ублажат симптомите, ако откриеш дека спаѓаш во таа категорија.

  • доење – тоа е заштитник на мајчинското ментално здравје, но само ако немаш проблеми да го правиш тоа. Доењето го намалува стресот и воспалителните одговори, но во спротивно може да биде голем извор на стрес. Алтернатива на доењето е адаптираното млеко, со кое исто така бебето ќе расте здраво, како и со мајчиното млеко, така што нема место за грижи;
  • намалување на стресот во врската со партнерот;
  • зголемување на внесот на Б-комплекс витамини;
  • држење здрава балансирана исхрана;
  • вежбање;
  • доволно одмарање и спиење;
  • редовно пиење вода;
  • намалување на стресот – со техники за тоа, како на пр. медитација, техники за длабоко дишење, изложеност на сонце и природа, јога, пиење чај и што и да е друго што тебе ти помага.

Во ред е кога си збунета, незадоволна, лута, нормално е да се има и спротивни чувства во врска со мајчинството. Тоа често на површина ги исфрла и старите, непреработени трауми од нашето детство. Овие искуства се почести отколку што можеме да замислиме и треба повеќе да се зборува на оваа тема. Помошта овде е во вид на блиски личности и стручњаци, други мајки…

Во канцеларијата на Организација на жените на општина Свети Николе, нудиме бесплатна психо-социјална поддршка, кадешто можете да наидете на разбирање и прифаќање во врска со ваков или сличен проблем.

Не си сама!

 

Овој текст е подготвен од Ружица Сотировска – психолог во Канцеларијата за БПП и ПСП.

 

Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен